Соопштение на ЦИВИЛ:
“Некаде со добро, некаде со нож!” – пораката на ВМРО-ДПМНЕ е јасна и ја слушаме со месеци наназад. Ова е отворен и директен повик на екстремно политичко насилство, што е кривично дело. И последниот повик на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ за „филмска проекција“ на филм за Ќосето, кореспондира со вокабуларот на водството на оваа партија.
Ги повикуваме родителите да бидат одговорни и совесни и да преземат сè што е во нивна моќ да не им дозволат на криминалните умови да ги контаминираат нивните деца. Бесмислено е децата да бидат пиони во рацете на еден грст криминалци. Нема зошто децата и младите да се вплеткуваат во валканите обиди на криминални структури да ја избегнат одговорноста за сторените дела.
Ја повикуваме полицијата да преземе максимални мерки на превенција од насилството кое може да избие како последица од деструктивните настапи на неодговорните политичари во јавноста или од провокации на социјалните мрежи, медиумите и „граѓански“ иницијативи од типот „долги ножеви“ и слично.
Обвинителството мора да покрене постапки против лидерите и високите претставници на политичките партии, кои во изминатите месеци повикуваат на насилство против политичките опоненти и шират омраза по етничка и верска припадност.
Организаторите и промоторите на екстремизмот мора да одговараат, без оглед на нивната припадност или општествена позиција!