Уште во февруари Скопје ги надмина годишните ЕУ стандарди за загадување на воздухот, алармираат од Скопје смог аларм. Според нив ова е срамен потсетник за еколошката и здравствената катастрофа која ја преживуваат граѓаните на Скопје.
Напоменуваат дека во Европската Унија, лимитот за концентрации на ПМ10 честички впросечени во 24 часа е 50 µg/m3. Во ЕУ, дозволениот број на надминувања на лимитите за PM10 честички е 35 денови во една календарска година. Но, на 20 февруари 2017, овие ЕУ стандарди биле надминати на сите мерни станици во Скопје.
Тие објавија и табела со вкупниот број на надминувања на 24 часовните гранични вредности (50 µg/m3) за PM10 честичките (броено во денови), на секое мерно место во Скопје за тековната 2017та година, користејќи ги податоците од Министерството за животна средина и Европската комисија.
Станица | Вкупен број надминувања (до 20.02.2017)1 | Дозволен број на надминувања годишно2 |
Центар | 41 | 35 |
Карпош | 40 | 35 |
Лисиче | 45 | 35 |
Гази Баба | 45 | 35 |
Ректорат (УКИМ) | 46 | 35 |
Миладиновци (Општина Илинден) | 42 | 35 |
„Потсетуваме дека Светска Банка проценува дека во Македонија од загадениот воздух годишно гинат 1,350 граѓани, што значи дека секоја година ни се случува таканаречен екоцид. Апелираме до локалните и централните власти за итни и одржливи мерки за подобрување на воздухот во Скопје и низ цела Македонија. Апелираме до граѓаните да користат јавен превоз, велосипед или да споделуваат превоз (3-4 луѓе во кола)“, стои во соопштението на Скопје смог аларм.