Поради предлог за измена со која Министерството за култура на Хрватска би можело да гласа кој филм смее, а кој не смее да се продуцира во државата, филмските работници ја покренаа иницијативата „Пук’о нам је филм“. Тие оваа измена ја сфаќаат како „директна цензура и политичко влијание во филмот“.
Во преполната сала „Müller“ во загрепското кино Европа, денес беше претставена иницијативата „Пук’о нам је филм“ (Ни пукна филмот). Иницијативата е покрената со цел заштита на хрватската кинематографија од влијанието на политиката и политичката контрола.
Иницијативата, нејзините цели и клучните точки, ги претставија познати хрватски актери, режисери и филмски работници. Со неа ја истакнуваат важноста на независноста на хрватскиот филм, зачувувањето на хрватскиот аудиовизуелен модел и континуитетот на досегашната пракса.
„Независноста на кинематографијата од политичките притисоци е цивилизациско достигнување и нешто на што Хрватска се обврза со Уставот и со многубројните европски регулативи. Независноста на кинематографијата е темел на нејзиниот успех. Идејата е министрите со својот потпис да ги одобруваат или скратуваат средствата за производството на филмови е потполно неприфатлива по многу основи, а најмногу по основата на здравата свест. Сметамо дека е нужно премиерот Пленковиќ да ја прими делегацијата на иницијативата „Пук’о нам је филм““, вели режисерот Антонио Нуиќ.
Актерот Горан Навојец исто така предупредува на цензура и политичка конторла, кои му се закануваат на хрватскиот филм.
„Никаде во ЕУ министрите за култура не одобруваат филмови, затоа што тоа е недопустив облик на цензура и политичка контрола. Тоа не се случува никаде на друго место, од вкупно 31 филмски фонд во Европа, ниту еден не го контролира државата, сите се сосема независни од влијанието на политиката“, вели.
Додава дека „би биле единствени тие и Северна Кореја во цел свет“, доколку ја усвојат оваа измена. Прашува и колку европски конвенции би прекршиле доколку имаат таков систем.
Во Кино Европа биле присутни повеќе од 200 познати лица од филмската индустрија во Хрватска, културни работници и продуценти, за јавно да дадат поддршка за оваа иницијатива. Прогласот на „Пук’о нам је филм“ досега го потпишале повеќе од 600 потписници.