Европратениците денеска ќе дебатираат за резолуцијата за Македонија

Сподели

Денеска пратениците од Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) ќе имаат второ разгледување на предлог-резолуцијата за Република Македонија.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, европратениците во АФЕТ-групата договорија 28 компромисни амандмани на текстот на известувачот Иво Вајгл, како замена за 318-те амандмани поднесени на предлог-резолуцијата за Република Македонија, во кои во речиси две третини учествуваа грчките и бугарските европратеници.

Попладнево, европратениците во Комитетот за надворешни работи ќе дебатираат и ќе се обидат за последен пат да ги усогласат ставовите за македонската резолуција во Европскиот парламент, а утре ќе гласаат за неа во рамки на АФЕТ-групата. На 14-ти март во ЕП во Стразбур, целиот состав на Европарламентот ќе ја донесе резолуцијата на пленарна седница.

Инаку, резолуциите на Еворпарламентот за сите држави немаат правно дејство, туку се само советодавни и може, но не мора, да се земат предвид од другите ЕУ-институции и од земјите-членки на Европската унија.