По повод интернационалниот ден на жената, 8 Март, Амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје го организираат настанот „50 Портрети на жени во Македонија посветени на промоцијата на женските права“.
Настанот ќе се одржи утревечер, од 18 до 20 часот, во просториите на Францускиот институт во Скопје. Има за цел да ги покани жените кои преку нивните постојани активности, секоја во своето поле на делување, придонесуваат за родова еднаквост и за унапредување на правата на жените во Македонија.
Вечерта ќе бидат присутни жени од најразлични сфери на делување, кои ќе одговорат на прашањето „На кој начин во вашето секојдневие ги застапувате женските права?“. Воедно ќе им биде направен портрет од страна на фотографот Милан Стрезовски.
Потоа највпечатливите 50 портрети ќе бидат изложени во Францускиот институт во Скопје и ќе бидат поставени на Фејсбук страната на Францускиот институт во Скопје.
Повеќе години наназад, Амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје делуваат во насока на промоција на родовата еднаквост, како во општествената, така и во политичката сфера.
Стереотипите ја попречуваат целосната родова еднаквост, велат од Францускиот институт. По тој повод, Меѓународниот ден на женските права, којшто се одбележува на 8-ми март, е потсетување на секојдневната борба за реална родова еднаквост, којашто е потребна особено во денешно време.