Во 35 општини во Р. Македонија нема матични гинеколози, а во 29 општини нема доволен број
на матични гинеколози, соопштија од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.
Тие изразија загриженост за лимитираниот прогрес на државата во однос на унапредување на пристапот до здравствените услуги за женско и репродуктивно здравје за жените на целата територија на Македонија.
„Жените се уште се соочуваат со бариери во пристапот до овие здравствени услуги на примарно ниво. Оваа состојба значително го отежнува пристапот на жените до гинеколошките здравствени услуги на примарно ниво. Редовните превентивни гинеколошки прегледи водат кон унапредување на здравјето на жените, бидејќи преку истите може рано да се откријат низа на заболувања и навремено да се излекуваат, вклучувајќи го и ракот на грлото на матката.
Пристапот е значаен и за соодветно водење на здрава бременост, бидејќи предвидено е за време на бременоста жените да остварат минимум осум посети кај матичен гинеколог со што навремено можат да се откријат нарушувањата на здравјето на бремените жени и промени кај плодот. И покрај тоа што во 2016 година Министерството за здравство преку Јавен оглас распиша кофинансирана приватна специјализација за доктори на медицина кои имаат запишано приватна специјализација од областа на гинекологија и акушерство за примарно ниво на здравствена заштита за 20 извршители, во 11 општини, според последните податоци Министерството има одобрено само шест специјализации, што е далеку од потребниот број“, се вели во нивното соопштение.
Тие велат дека стапката на смртноста од карцином на грлото на матката кај жените бележи пораст, а во исто време Министерството за здравство го намалува планираниот опфат на жените со Програмата за скрининг на рак на грло на матката.
Во 2011 година стапката на смртноста изнесува 1,5 на 100.000 жени, додека во 2014 изнесува 4,1. Владата на Р. Македонија го намали буџетот за Програмата за организиран скрининг на карцином на грло на матка за 2017 година за 2.950.000 денари во споредба со Програмата за 2016 година.
„Жените не се соодветно опфатени со посетите од страна на патронажна сестра за време на бременоста и во периодот по породувањето. Податоците од ромските заедници, укажуваат дека за време на бременоста жените воопшто не се посетени од патронажна сестра, а по породувањето се бележат една до две посети.
Министерството за здравство од Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата ги избриша одредбите со кои беа регулирани бројот и содржината на патронажните посети, па така во моментот не постои ниту еден правен документ кој ја регулира реализацијата на овие посети. Посетите се од особена важност за унапредување на здравјето на жените во време на бременоста, како и за здравјето на новороденчињата“, велат од Здружението ЕСЕ.