Лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети во седиштето на СДСМ во Скопје разговараа за изнаоѓање решение за политичката криза, откако претседателот Ѓорге Иванов вчера соопшти дека се уште не се надминати пречките за доделување на мандатот.
По средбата, Ахмети за „Алсат-М“ изјави дека со Заев разговарале за стратегија со која би се ставиле во функција сите државните институции.
– Неопходно е да се изнајде начин, со најдобра намера, како да профункционира највисокиот законодавен орган, Собранието на Република Македонија и како да продолжиме понатаму со преговорите за градење на институциите со кои треба да се води државата – рече Ахмети.
Прашан дали разговарале за продолжување на конститутивната седница на Собранито, Ахмети потврди дека се разговарало и за таква стратегија.
– Треба за тоа да се разговара со сите политички сили, да се постигне согласност, за Собранието да почне со работа и да се избираат собраниските органи и комисии, односно за да се стави во функција оваа висока државна институција – рече Ахмети.
Во однос на формирањето на Владата, Ахмети оцени дека тоа треба да се случи откако ќе се избере претседател на Собранието, кој потоа формално ќе го извести претседателот на државата дека има парламентарно мнозинство и програма врз основа на која тој треба да му го довери мандатот на Заев.
– Најнеопходно е прашањето на конституирање на Собранието. Сите напори се во насока да се стави во функција Собранието и да се изберат собраниските органи, да се направи официјално барање од Собранието, од претседателот на Собранието на Република Македонија, до претседателот на државата, за да се даде мандат за формирање на новата влада. Не може да се зборува за конституирање на еден орган, без да се има мандат. Значи, прво треба да се даде мандатот на мандатарот, а потоа да се водат преговори за ресорите. Нам помалку ни е важно управувањето на ресорите. Поважно е да му се даде мандатот на новиот мандатар, а потоа да се зборува за поделбата на ресорите – изјави Ахмети.