За подбуцнувачите на војна нема да се лепат потерници по бандери и по ѕидови, тие ќе ги добијат уредно од поштарот и еден ден ќе седнат на обвинителна клупа
Цела држава за еден миг дозна кој е Митко Маџунков. Чудесен успех кој академикот со макотрпна децениска работа не може ни да сонува за да го оствари. Говорот на Маџунков во Македонија е пречекан како вест за Нобелова награда, дури радоста е и поголема оти обично во режимите нобеловците не се многу омилени, бидејќи со своето творештво се спротивставуваат на диктатурите, на деспотизмот, на популизмот, на примитивизмот, на заостанатоста, ги откриваат табуата, белите и црните петна од поблиското и подалечното минато, ги жигосуваат злоделата на властодршците и моќниците, пишуваат за патилата и страдањата на сиромашните и обесправените… бараат слобода на творештвото и мислата, бараат демократија и еднаквост на сите пред законите, бараат почитување на човековите права. Пишуваат големи дела дека татковината не се сака со говори и лаги и омраза на различните од себе, со ограбување на националното богатство и на народот кој не го вадат од уста. Таквите творци никаде не се сакани од авторитарните власти. Политичарите во битките за власт, особено големите непроменливи водачи повеќе сакаат политички памфлетисти отколку вистински творци. Тие обожаваат дворски пејачи на оди, ги прифаќаат за дневнополитичка потреба, многу често за една употреба кога се неопходни да ја величаат нивната слава и да бидат прикажани како спасители на народот и на државата. За привилегии, кариери и малку пари купуваат на рефус академици, научници, уметници, писатели, актери, новинари, судии, спортисти, деловни луѓе…
Веќе ги гледаме првите резултати на овие националистички говори. Како голема грдотија и срам јавно се покажаа најпримитивните симболи и знаци на фашизмот. Осамнаа на бандерите и на зградите потерници со фотографии на јавни личности сатанизирани како предавници и непријатели затоа што гласно бараат да не се попречува правдата, да се почитува Уставот и законите, слободата и еднаквоста на граѓаните. Тие се жигосани и јавно понижени поради откривање на вистината зошто се злоупотребуваат луѓето кои маршираат низ улиците за спасување на корумпираната власт. Затоа тргнаа и тројките хитлерјугенди на вратите на познати творци, новинари, хуманисти, да тропаат и да врескаат „предавник, предавник, срамота, срамота“. На партиските контролирани телевизии се’ посилно како надојдена буица тече 24-часовната емисија за спас на државата од предавници. Доволно е по академските говори и новинарски спинови три дена да се следат емисиите на Сител, Канал 5, Алфа… и партиските портали, човек да грабне пушка и да тргне во борба против клетите муслимани и други иноверци. Сеењето фашизам и омраза на овие телевизии е веќе рутинска работа. Ако не сте инфицирани и ако имате стекнато имунитет, погледнете само една од колективните телевизиски терапии на пациентите кои телефонираат дење ноќе да дадат одговор на прашањето кој е поголем непријател – домашниот или надворешниот. Дали сте за поделба или за унитарна Македонија? Дали сте за тоа во целата држава сите да учиме албански? Дали сте за промена на уставното име? Дали сте за федерализација и кантонизација на Македонија… и така со ред. Ова се прашањата на кои се познати одговорите, не е познато на пошироката јавност дека такво нешто никој ни во државата, ни надвор од неа, не побарал. Ни една политичка партија или релевантен политичар во земјата, во ниту еден документ не е напишано или побарано поделба на државата, или какво било нарушување на унитарноста, промена на уставното име без општонароден референдум, некаква федерализација и редефинирање на Македонија. Дека сите мора да учат албански јазик. Такво нешто никој не изустил.
Вистинските непријатели на државата и на сите граѓани се меѓу тие што ги ограбија и сега ја спречуваат правдата ставајќи ги пред себе како штит изманипулираните граѓани. Тие ја водат Македонија кон делби и хаос за да се спасат од соочување со судот и правдата што е можно само со промена на власта и пад на режимот. За жал, покрај уплашените властелини и нивните следбеници и соучесници во спасување на корумпираната власт се вклучија и академици, застрашувајќи го народот од смена на власта, најздравата работа што може и треба да и’ се случи на Македонија за да се откријат до крај и осудат масовните злодела. Покрај сторителите на кривични дела на обвинителна клупа еден ден ќе седнат и подбуцнувачите на војна, за кршење на човековите права и сејачите на омраза. За нив нема да се лепат потерници на бандери, ќе им ги донесе уредно поштарот.
Колумната на Ерол Ризаов во целост прочитајте ја тука