Денеска напладне продолжува координацијата на партиите во Собранието за избор на претседател на Комисијата за избори и за именување.
Партиите вчера се обидоа да постигнат договор за избор на претседател на комисијата, но не успеаја да се договорат дали претседателот ќе биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ.
На вчерашната координација парламентарните партии успеаја да постигнат согласност само околу бројот на членови на Комисијата, па ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест членови, СДСМ – пет, а по еден член ќе имаат ДУИ и Беса.
Членовите на оваа комисија треба да предложат претседател на Собранието, кој потоа треба да го извести претседателот Иванов дека е обезбедено парламентарно мнозинство.
Генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасосвски, вчера рече дека откако на ВМРО-ДПМНЕ ѝ било прифатено да има шест члена во комисијата, тие побарале уште еден услов, односно претседателот на Комисијата за избори и за именувања да биде од нивните редови.
– Ако тоа не се случи, нема да има продолжување на конститутивната седница и избор на претседател на Собранието. Тоа уште еднаш покажува и докажува дека ВМРО-ДПМНЕ, спротивно на сите демократски принципи, ја узурпира Македонија, ги узурпира институциите и заради лични и партиски интереси, не сака тие да функционираат – рече Спасовски.
Според Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, претседател на Комисијата за избори и именување треба секогаш да се избере од најголемата пратеничка група во собранието без исклучок.
– Бројот на пратеници членови на комисиите не е милост или добродател на една партија спрема друга, туку е одлука на граѓаните врз база на егзактна математика на прецизни бројки. Значи соодносот 6 – 5 – 1 – 1 не е заради задоволството на СДСМ да покаже гест, туку е последица на изборните резултати од 11 декември минатата година – вели Димовски.