Петре М. Андреевски
Песна за нејзината песна
Немаше земја кај што не ја сретнав неа,
оти без неа бев никој и никој не ме познаваше.
По нејзината воздишка го запомнував воздухот
за да можам да ја стигнам, незабележан од никого,
но таа беше побрза од сите небесни светлини,
зашто секаде сама си го осветлуваше патот.
Објаснувајќи ја како семир во купечко јаболко,
главата ми ce полнеше со запаливи течности,
бели и црвени дождови капеа од овошките,
житата и шумите ја следеа во групни походи
и cи околу неа ја добиваше нејзината форма.
Кај што јас влегував, таа излегуваше
и од отворите ја мразев само нивната празнина.
Me рануваше како невеста, ме целеше како сестра
блажената ноќ што ја открив во неа.
Бев првиот иследувач на таа топла темница
неисцрпна како ѕвездите и бесцените камења
кои вечно ce празнат, a никако да ce потрошат.
(Каков страв ce пребра во допирот со таа кожа
што болскаше и заоблуваше како свртено вретено.)
Огнот и водата добиваа паралелна брзина
и во збирот љубовен постојано ce одземаа.
Cи што ce уништуваше беше заради неа
и cи што ce обновуваше беше заради неа.
Така светот ce делеше на видлив и невидлив,
на неослободени земји и на земји во развој,
но немаше земја кај што не ја сретнав неа.