„Цел Центар на точак “: Општина Центар и годинава ќе субвенционира 1.111 велосипеди

Сподели

Општина Центар, четврта година по ред, ќе го спроведе проектот „Цел Центар на точак “, кој изминатите три години се покажа како успешен. Оваа година, општината ќе субвенционира средства за купување на нови 1.111 велосипеди. Со тоа се реализира поставената цел, според која за четири години вакви субвенции ќе добијат 4.000 центарци, овозможувајќи им поздрав живот, поздрава животна средина и помал сообраќаен метеж, соопштуваат од општина Центар.

Акцијата ќе се спроведува од почетокот на месец мај, а од буџетот на општината за оваа намена се одвоени 2 милиони и 800 илјади денари. Општина Центар ќе субвенционира 30% од цената за купување нов велосипед, но најмногу до 3.000 денари.

Секој полнолетен жител на општина Центар што ќе купи велосипед од денот на започнување на акцијата, потребно е да ги достави следниве документи:

– Барање за субвенционирање за купен производ (достапно за симнување на opstinacentar.gov.mk)
– Копија од лична карта
– Копија од транскакциска сметка,
– Фискална сметка со сметко-потврда или фактура за купен велосипед.

Барањата со комплетна документација се доставуваат во архивата на општина Центар. Правото на субвенција е еднократно.