Тилерсон во посета на Москва, помирување или ултиматум

Сподели

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров по средбата во Москва со американскиот државен секретар Рекс Тилерсон изјави дека нападите на САД врз воздухопловната воена база во Сирија претставуваат кршење на меѓународното право и дека не би требало да се повторат, пренесува 24Вести.

„Важно ни е да знаеме каков е вашиот став, ставот на САД и какви се вистинските намери на американската администрација. Многупати истакнавме дека сме подготвени за конструктивен дијалог на рамноправна основа со САД“, изјави Сергеј Лавров – министер за надворешни работи на Русија.

Тилерсон на средбата рекол дека линиите за комуникација меѓу САД и Русија остануваат отворени и оцени дека средбата е во важен момент.

„Сакаме да ги прецизираме областите во кои постојат остри разлики во ставовите за да сфатиме зошто тие постојат и какви се шансите за намалување на тие разлики“, изјави Рекс Тилерсон – американски државен секретар.

Вашингтон смета дека тензиите меѓу САД и Русија нема да излезат од контрола по американскиот ракетен удар откако сириските власти беа обвинети за хемискиот напад во кој загинаа 87 луѓе. Секретарот за одбрана Џим Матис рече дека Пентагон испитува дали Русија одиграла некаква улога во хемискиот напад во Сирија, но како што изјави, досега било утврдено дека зад нападот стоел само сирискиот режим на претседателот Асад.

„Нема да излезат од контрола. Ние одржуваме коминикација со руската војска и преку дипломатски канали“, вели Џим Матис – американски секретар за одбрана.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва добила разузнавачки податоци за, како што рече, „планирани провокации со хемиско оружје“. Според него, за нападите НАТО сојузниците само климале со главите како кукли.

„Ова ме потсетува на настаните во 2003 кога американските претставници во Советот за безбедност посочија дека во Ирак е најдено хемиско оружје. Потоа почна воената кампања во Ирак која резултираше со уништување на земјата и со зголемување на терористичките закани“, изјавил Владимир Путин – претседател на Русија.

Односите меѓу САД и Русија се затегнати по нападот со хемиско оружје во Сирија. Москва смета дека нападот бил изрежиран и дека зад него не стои сириската влада, која пак, Вашингтон ја посочува како главен виновник за овој сериозен индицент во кој загинаа десетици цивили.