ЗА СМРДЛИВАТА НАЦИОНАЛИСТИЧКА БАРА – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

По сè што доживеавме во последниве години, по сите лаги, измислици, дволичности, дефокусирања, измами, понижувања на интелектот, негирања на очигледното, деградација на колективниот здрав разум со непостоечки комбиња, шпиони, државни удари, предавници…, деновиве преку пискотот и лигавиот „патриотски“ плач за наводното губење на „името и идентитетот“ зад кои се крие само желбата да се остане на власт, ние, всушност, стигнавме да се прпелкаме на дното на смрдливата националистичка бара под кое се закопани моралот, свеста и правдата.

 Во оваа наша валкана бара, животот е, сè повеќе, дехуманизиран, атомизиран, автоматизиран и циничен. Човек мора да биде измамник, силеџија, подлец, подмитувач, интелектуален дегенерик, поткажувач, бесчуствителен сводник или бескурпулозен злоупотребувач на туѓата добрина и чесност, не само за да може да стане „некој и нешто“, туку и за воопшто да преживее. Скоро неодбегливо секој од нас мора да се соочи со гнасната слика на „загноените надуени лешеви“ што пливаат по површината на барата, а се од оние корумпирани франкенштајни кои се продале за ситни привилегии и ситни пари на портокаловата мафија; со моралното ѓубре од хипокризија и полтронство кое се скалдира низ партиско-политичките катакомби; со најдолните вулгарности кои штапските хулигани ги излеваат низ интернет и медиумскиот простор; со ненадминливата злоба и алчност на портокаловата буржоазија во трката за прибирање на профит; со одвратното фашизоидно насилство кое по улиците и плоштадите го промовираат како „патриотизам“ ордите кои го бранат политичко-финансискиот криминал на нашите долгогодишни „демократски господари“.

 Во нашето мало, ама крајно нечисто и гнасно, мочуриште сите се нервно растроени, апсихични, немоќни, снобовски бедни, полни со егзистенцијален страв пред она што се случува денес и што ќе се случува утре. Сите, или скоро сите, имаат мрачен и безнадежен поглед на светот и сопствената непосредна околина. Многумина ги зафатила есхатолошка опиеност, па веруваат во шамани, попови, владици, архиѓакони, ѓакони, друиди, исцелители, гатачи, бајачи и разни други богоугодни хохштаплери на кои блудот, развратот, кражбата и измамата им се вродени, а деновиве отворено го поддржуваат глупавиот и опасен неофашизам, пеат „патриотски“ песни и пелтечат параноични националистички литии по митинзи, собири и разни антимакедонски панихиди.

 Многумина, пак, од портокаловите поданци, кои се типични медиокритети и полтрони, во тињата од барата го живеат својот паразитски живот, и од таа перспектива, заглавени во сопствените купишта од храна, алхохол, ѓубре, измет, политизирање и интриги, го мерат „патриотизмот“ и прогласуваат „предавници“. Нивните визии, произлезени од нивната алексија и од длабочините на човечката глупост, сега се распослани на македонската политичка сцена како „експертски анализи“, а, всушност, се само вулгарни националшовинистички инвекти и шизофрени халуцинации со децении собрани низ гробиштата, лудниците и кафеаните вдолж и попреку Македонија, па смрдат на застоена лудачко-националистичка кислојна и фашизоидно пијанство.

 Тешко ќе биде да се пробиеме низ мрачните мочуришни простори до чист воздух, до непосредната вистина дека национализмот, фашизмот, изолационизмот не се „национален интерес“ на Македонија и Македонците. До едноставното сознание дека мафијата не е патриотската сила што ја брани Македонија. Напротив. Дека токму тие нешта нè носат до самонегирање и самоукинување. Тешко ќе биде да се објасни дека има живот надвор од портокаловото мочуриште. И, тешко ќе биде да стигнеме до јасна претстава дека надминувањето на таквата состојба е предуслов да преживееме и да тргнеме напред. Да, тешко ќе биде, ама лесни алтернативни патишта за излез од нашава смрдена националистичка бара, веројатно, не постојат. Затоа, борбата продолжува!