Вработените во Собранието дошле на работа, седница денеска нема да има

Сподели

Сите вработени во Собранието се на работа, изјави за „Мета“, советникот за односи со јавноста во Собранието, Тодор Пендаров.

Од Собранието информираа дека по вчерашните случувања во зградата, причинета е материјална штета. Дел од работните простории, прес-центарот, како и салата „Македонија“ се надвор од употреба.

„Во согласност со законската регулатива, надлежните институции преземаат чекори за ставање во функција на истите и за утврдување на штетата. Се прават напори за враќање во првобитната состојба во најкус рок, со што ќе се создадат услови за работа на Собранието. Со оглед на тоа, денешното продолжение на конститутивната седница на Собранието закажано за 11 часот, нема да се одржи и за продолжението дополнително ќе бидете известени“, информираат од Собранието.

Утринава околу зградата на Собранието е мирно, а ја обезбедуваат десетина полицајци. Пред зградата се собрани десетина граѓани и има поставено четири шатори.

Синоќа во Собранието се одвиваше вистинска драма кога по избирањето на Талат Џафери за претседател на законодавниот дом, граѓаните од т.н. иницијатива „За заедничка Македонија“ насилно влегоа во зградата и повредија пратеници и новинари.

Специјални полициски единици со употреба на шок-бомби и на други средства за растерување толпа го испразнија Собранието по полноќ и ги евакуираа пратениците и новинарските екипи.

мета.мк