ЦК на ВМРО-ДПМНЕ: Воспоставување нелегални институции е опасен преседан

Сподели

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на синоќешната седница за актуелната политичка состојба го осуди, како што соопшти партијата, нелегалниот обид за избор на претседател на Собранието кој што претставува насилство врз институциите, пред се Уставот, законите и пропишаниот деловник.

„Непочитувањето на Уставот е непочитување на државата Македонија и може да претставува опасен вовед во нова практика на девалвирање на државата и на институциите. Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го осуди и шверцерското и нелегално постапување на пратениците Горан Мисовски и Ферид Мухиќ, кои со своите незаконски дејства испратија провокација кон граѓаните на Македонија и тие за ваквото однесување мора кривично да одговараат. Само строгото казнување на ваквото антидржавно однесување ќе спречи да се повторува газењето врз Уставот и законите“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека обидот за воспoставување „нелегални институции“ би направил преседан кој во иднина може да се злоупотреби и да стане вообичаена практика, а на тој начин да се суспендира волјата на граѓаните изразена на изборите.

Апелира до СДСМ и нејзиното раководство јасно, недвосмислено и во целост да се откаже од Тиранската платформа, како што нагласува, создадена, промовирана и прифатена во соседна држава.