Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите, почитуван претседателе на Р.Македонија
Дозволете да се заблагодарам во мое име како мандатар за составување на новата Влада и уште еднаш пред јавноста да истакнам дека двете пречки коишто беа пречки за доделувањето на мандатот се отстранети. Претседателот на Собранието на Р.Македонија, Талат Џафери го испрати писмото, а јас како што ветив пред граѓаните и пред Претседателот Ѓорѓе Иванов испорачав изјава во форма на гаранција којашто би сакал денеска да ја соопштам пред граѓаните на Р.Македонија, а којашто е веќе доставена во Кабинетот на Претседателот државата, г-динот Ѓорѓе Иванов.
Во име на формираното парламентарно мнозинство ја давам следната изјава:
Прво, гарантираме заштита на унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независноста и мутлиетничноста на Р.Македонија.
Гарантираме заштита на уставниот поредок и територијалната целина на Р.Македонија.
Гарантираме заштита на државните интереси и унапредување на животот на сите граѓани без оглед на етничката, религиската и јазичната припадност.
Гарантираме дека процесот на носење на одлуките за граѓаните на Р.Македонија ќе биде во согласност со основните демократски принципи и владеење на правото не доведувајќи ја Р.Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава.
Ниту еден документ, платформа, декларација, акт или дејствие кои би биле спротивни на погоре наведените ставови не може да бидат услов, ниту основа за формирање и дејствување на Владата на Р.Македонија.