Седница за владата: Дуели меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

Сподели

Со остра полемика помеѓу пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и пратеници од СДСМ и од неговата коалиција, но и со конфронтации со претседателот на Собранието, Талат Џафери, тече седницата на која се расправа за составот и за програмата на новата влада.

Додека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ наведуваат што направиле владите предводени од нивната партијата и прашуваат што ќе направи новата влада на СДСМ, за истата проблематика зборуваат пратениците од владејачката коалиција, посочувајќи дека во изминатите 11 година во Македонија е направен „хаос и се урнати многу вредности, а врвот на ВМРО-ДПМНЕ енормно се збогатил“.

Почнувајќи од Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ, кому му реплицираа Горан Мисовски од НСДП, како и Томислав Тунтев и Милева Ѓорѓиева, па продолжувајќи со дискусијата на Владимир Ѓорчев и со одговорот од Павле Богоевски, од говорницата се зборуваше и за масовно иселување од земјата и за киднапирање на државата, но и за инвестиции и за тоа колку нови фабрики ќе може да отвори новата влада, и за уништениот образовен систем, како и за „јадење живи луѓе“.

Стевананџија, во еден момент, посочувајќи дека СДСМ ветувал влада со 20 министри, а прави кабинет со 26, спомена дека „плус шест плати и автомобили ќе значат помалку пари за шест Тамари“, на што имаше голема реакција од пратениците на мнозинството.

Богоевски, кој зборуваше за „банда што го држела општеството како заробеник“, исто како и другите пратеници од мнозинството, порача дека и сè друго да се заборави, не може да се заборави дека пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ги отвориле вратите на маскираните тепачи од МВР и од војската, но и дека ВМРО-ДПМНЕ го присвоило за себе македонскиот идентитет.

– Ми пречи вашиот криминал, вашите лоши политики, уништените здравство, младите, медиуми, но најмногу ме боли што го присвоивите нашиот, мојот македонски идентитет, го изедначивте со ВМРО-ДПМНЕ, ме боли што луѓе завиткани во македонско знаме влегоа да убиваат пратеници кои ги избрал тој народ – рече Богоевски.

Конфронтација со умерен тон се случи и меѓу Илија Димовски, кој повикувајќи се на војничката дисциплина на Талат Џафери, побара да се почнува навреме, а потоа се расправаа за користењето на албанскиот јазик при обраќање кон пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Џафери му одговори на Димовски дека сè додека го признаваат само за пратеник, а не за претседател, ќе го користи пратеничкото право да говори на мајчиниот јазик.

meta.mk