A1-Спасовски: Настаните од 27 април покажаа дека е потребно итно департизирање на полицијата

Сподели

По претходно усвоена методологија направен е увид во документацијата и извршени се разговори со над 120 припадници на МВР за случувањата на 27 април во Собранието, по што се суспендирани преку 23 лица од МВР и поведени се преку 40 дисциплински постапки, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

– Скенирањето на состојбите и анализирањето на ситуацијата покажаа пропусти во системските недоследности, дисфункционалности кај одредени припадници на МВР со што децидно се потребни реформи во министерството. Настаните од 27 април покажаа дека полицијата мора да се департизира, вели Спасовски.

Тој најави дека примарни задачи на министерството ќе бидат расветлување на случајот во Собранието од 27 април и целосна департизација на МВР и полицијата.

– МВР има институционални и кадровски капацитети да се справи со многу полоши ситуации од оваа. Без санкции ова министерство не може да функционира нормално. Овој извештај го потврдува тоа дека заради партизираноста овој државен орган падна на испитот на извршување на одредени надлежности, вели Спасовски.

Министерот за внатрешни работи изрази длабока почит за храброста и професионалноста до оние кои најсовесно си ги извршувале своите задачи и обврски.

– Очигледно е дека некој ја злоупотребил својата положба за напад врз новинарите и пратениците, вели Спасовски.

A1on.mk