Во среда 14. јуни со почеток во 20 часот, во Кино Култура ќе се случува настанот „СРАМОТА! Вечер на раскажување квир приказни“, промо-настан за Викендот на гордоста во Скопје.
„Оваа вечер шестмина раскажувачи од јавната културна, политичка и општествена сфера ќе ни раскажуваат кратки приказни за телесниот, родовиот и сексуалниот срам кој ја обележал нивната општествена ненормативност – оттаму, „квир“ како она што излегува од рамките на прифатливиот општествен код. Со овие јавно изговорени приказни, срамот се превртува и трансформира, исмејаниот станува исмејувачот – срамот се враќа назад кон оние кои занесени во својата арогантност и привилегија, претпоставуваат дека го имаат правото да бидат морална родова, сексуална и морална полиција, и да понижуваат.
Со овие приказни, од срамот за нашите желби, задоволства, однесувања, движења и размислувања градиме наративи на отпор. Нашиот срам станува нашето задоволство и среќа. Наместо сведнатата глава и преплавувачкото црвенило, пркосиме. Наместо неподносливото гушење навнатре во себе, експлодираме од смеа. А оние кои ќе не насмеат се:
Сашко Коцев
Мирјана Најчевска
Јасмина Никуљска
Ана Мартиновска
Никола Шиндре и
Срѓан Јанакијевиќ
Модераторки: Румена Бужаровска и Ана Василева
По раскажувачкиот дел следи журка со Илина Ангел, чија музика ќе не охрабри да го откачиме срамот и да го пронајдеме настраното во нас!“ соопштуваат од Тимот на Skopje Pride Weekend.