Трамп планира да изгради соларен ѕид долж границата САД – Мексико

Сподели

Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека планираниот ѕид долж границата помеѓу САД и Мексико треба да биде опремен со соларни панели, со што тој ќе се исплати, јавува Anadolu Agency (AA).

„Размислуваме да изградиме соларен ѕид, за да произведува енергија и со тоа да се исплати“, изјави Трамп во своето обраќање на собирот во Сидар Рапидс, Ајова.

„На овој начин, Мексико ќе плати многу помалку пари, и тоа е добро. Дали тоа е добро?“, додаде тој.

Доналд Трамп за време на предизборната кампања вети дека ќе изгради ѕид долг 3.200 киломeтри на границата помеѓу САД и Мексико, и инсистираше дека Мексико треба да плати за него.

„Размислуваме за нешто уникатно, зборуваме за јужната граница. Многу сонце, многу жештина“, изјави Трамп на собирот.

Тој исто така рече дека цената на ѕидот е проценета на околу 8 – 12 милијарди долари. Сепак, таа треба да достигне некаде од 15 до 25 милијарди долари, според извештајот направен од непрофитната организација на Институтот за миграциска политика.

Во предлог-буџетот за 2018 година Трамп предвиде 1,6 милијарди долари за првиот дел од ѕидот.

Претседателот не даде никакви детали во врска со тоа колкав капацитет се планира да биде инсталиран на ѕидот, ниту пак кога ќе започне неговата изградба.

По ваквата најава на Трамп, вчера беше забележан пораст на акциите на компаниите за соларна енергија.