Расправа за нацрт-стратегија и акциски план за бегалци денеска на седница

Сподели

Во Собранието денеска Комисијата за труд и социјална политика на дневен ред ќе има јавна расправа за предлог-стратегијата за интеграција на бегалци и на странци 2017-2027 година и за националниот акциски нацрт-план за интеграција на бегалци 2017-2027 година.

Членовите на централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на седницата одржана во саботата истакнале загриженост и од партијата сметаат дека Владата се подготвува да прифати поголем број мигранти во Република Македонија.

„ВМРО-ДПМНЕ укажува дека давањето државјанства на десетици илјади мигранти во Република Македонија и нивно трајно населување, со сигурност ќе предизвика сериозна дисторзија на пазарот на работна сила во земјата и ќе ја влоши и онака тешката состојба со невработеноста, која принуди многу наши граѓани да се отселат во други земји за да обезбедат работа и егзистенција“, информираа вчера од партијата.

Од СДСМ, пак, преку реакција на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, нагласија дека се работи за документ што е јавно објавен и отворен за сугестии и дека тој служи како патоказ и нема обврзувачки акти кон кое било министерство или институција. Од владејачката партија додаваат дека ВМРО-ДПМНЕ преку нивното соопштение признале дека Македонија се соочува со висок степен на сиромаштија и со висока стапка на невработеност.

Досега не се стасани никакви предлози или реакции до Министерството за труд и социјална политика за нацрт-стратегијата за интеграција на бегалци и на странци 2017-2027 година и за предложениот национален акциски план за интеграција на бегалци 2017-2027 година, потврдија за „Мета“ од министерството.

Рокот за испраќање предлози е 8 август, а тоа може да се направи преку пополнување посебен формулар објавен на веб-страницата на министерството.