“ВОЈВОДИ” И “ВОЈВОТКИ” – Јове КЕКЕНОВСКИ

Сподели

Дали и по 114 години од Илинденското востание и Крушевската Република и 73 години од АСНОМ живеат идеалите на илинденците и првоборците? Кои се идеалите на денешните ,,војводи” и ,,војвотки” или првоборци? Каде сега пливаат старо новите ,,војводи” и ,,војвотки”?. Имаат ли тие воопшто иделогија? – се прашања кои постојано си ги поставувам последниве десеттина година. Иако одговорот постојано ми се мотка во глава сепак досега не сум напишал на оваа тема од причина што си велам: Аман бре Јове, пак ли ти правда и чесност ќе бараш, пак ли ти ќе исправаш ,,криви Дрини” кои никој досега не ги исправил?!. Морам да признам дека и моите дома ми замеруваат! Велат како старееш, се повеќе правда бараш. Абе разбери се човеку, нема правда и точка!. И за момент ќе се сепнам, ама добро е што нивните зборови не ме одвраќаат од мојата идеологија и правдољубивост. Пустото тоа…, појако е од мене.

Човек се раѓа таков и колку и да сака неможе да се смени. Тоа сум јас, таков каков што сум, ама такви какви што се и нашиве денешни ,,војводи” и ,,војвотки” и од тоа бегање нема. Вистината на виделина. И затоа будејќи се утрово, онака полусонлив (при здрав разум и свест и нормален пулс), набрзина направив едно скенирање и ретроспектива на неколкумина од денешниве самонаречени војводи и војвотки и си велам: Јове не се воздржувај повеќе, ајде во пресрет на нашиот најголем празник обиди се по којзнае кој пат да им ги отвориш очите на заслепените и полузаслепените.  Овие денешни ,,војводи” и ,,војвотки” алчни и гнасни профитери одамна тоа го заслужуваат. Ајде на овој светол наш македонски празник (без намера на читателите да им го расипам денов), барем за момент да се потсетиме какви биле илинденските војводи, а какви се овие денешниве груеви ,,војводи” и ,,војвотки”!?. Велам да се потсетиме затоа што секоја помисла на споредба ќе биде неумесна работа. А тоа не смеам да си го дозволам. За илинденските војводи речиси да знаеме сé и со пиетет говориме и помислуваме на нив.  За денешние ,,војводи” и ,,војвотки” секоја помисла или напишан збор ме тера на блуење по најмалку три дена. Бидејќи овие денешниве немаат ниту образ ниту срам ова мое лирично писание и нема лично многу да ги погоди, но сепак повеќе сум од сигурен дека во иднина ќе се посрамоти некој од нивните идни поколенија.

Денешниве груеви ,,војводи” и ,,војвотки”, се класични политички мародери. Тоа се типични арамии и квази патриоти кои под изговор дека времето им минало не сакаат да бидат во првите борбени редови, ама сакаат да се тука, веднаш до ,,врвот”. Постојано му дишат во вратот на ,,надвојводата” и кога ќе почуствуваат дека му се потребни, дека е дојден моментот му велат: ,,Шефе не се секирај ние сме со тебе. Ич пет пари да не даваш. Јаки сме ние. Ќе ги згазиме ветераните и младите се со нас”. Тие се луѓе кои потајно или полујавно безочно крадат и пљачкосуваат во името на високите партиски интереси. Тие се полуписмени поради недовршено докрај образование или пак поради набрзина завршените магистратури и докторати. Ако треба за ,,мајка” Македонија и туѓата душа ќе ја дадат, ќе бараат некој друг да се саморазнесе. Па патриотизам ли ове ова или што? Мора да има жртва за Македонија.

До вчера сите тие кои беа голи и боси, денес се газди со огромен движен и недвижен имот. Крадеа и пљачкосуваа не само од нас туку и од своите најблиски. Крадеа од своите родени браќа и сестри, мајка и татко. Нивната единствена идеологија цврсто во своите пазуви ги прегрнала  размислите за сопствен преполн лев и десен џеб (богами може и по некој поголем сеф). Земај сé што ти даваат, барај колку што можеш. Молчи кога ти наредуваат, кревај два прста кога ќе побараат (а понекогаш и нозе кревај).

Нека крадат тие од горе, не им замерувај,  битно е дека има и за нас нешто – е нивното движечко мото. А кога ќе дојде зорт? Е тогаш заедно ќе се браниме ако може, а ако не може тогаш и ние со прст ќе покажеме кон нив. Ќе плукаме по нив повеќе од сите. Го заслужуваат тоа тие нерокопсани арамии. Та војводи ли сме или што сме. Они нас… 

Такви се денешниве ,,војводи” и ,,војвотки”. Кој со мотор, кој со џип. Кој со куќа, кој со палата. Кој на Халкидики, кој на дупло-тродупло Халкидики. Ма ајде де, не деј да се тревожиш, всичко е намирено, всичко е наредно. Или шта би реко један мој драг пријатељ ,,Ако се хоче добро владати војводама, боље је искористити њихове мане него врлине. Оооо пардон. Извињавам се, они уопште немају врлине”.

За денешниве ,,војводи” и ,,војвотки” релизацијата на желбата да бидат богати и моќни, не им ги намали нивните проблеми. Напротив, таа желба само им ги промени проблемите и ги направи да бидат неспокојни во очекување на казната која им следува.