ВМРО-ДПМНЕ се залага за пријателски и за добрососедски односи со Република Бугарија, која е пријателска земја, и за пријателство меѓу македонскиот и бугарскиот народ, но Договорот што Заев го потпиша не ги почитува интересите на македонскиот народ и на Република Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение до медиумите.
„Додека во Бугарија се слави потпишувањето, во Македонија има незадоволство и чувство на пораз, нешто што беше видливо и на прославите на националниот празник Илинден на Мечкин камен и во Пелинце, каде што имаше катастрофална, речиси непостоечка посетеност на народот на овие настани.
ВМРО-ДПМНЕ како единствен виновник за овој штетен договор го посочува Зоран Заев и неговата неспособна влада. Доколку се потрудеше и доколку имаше капацитет, желба и волја за работа, СДС можеше да постигне подобар договор, кој ќе беше вистински израз на пријателство и на соработка и со кој немаше да има чувство на победник и на поразен“, пишува во соопштението на опозициската партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат СДСМ да се повлече од Договорот и дека тој треба да понуди еквиваленција во поглед на правата и на обврските со што ќе се почитуваат националните и државните интереси на Македонија.