Израелската Влада донесе одлука за затворање на канцеларијата на медиумската мрежа „Al Jazeera“ (Ал Џезира) во Ерусалим, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за комуникации на Израел, Ејуб Кара, за телевизискиот Канал 7 изјави дека Израел ќе ги следи арапските земји кои веќе ги затворија претставништвата на „Al Jazeerа“, но не го посочи времето кога би можело тоа да се случи.
„Израел е заедно со арапските земји кои се борат против верскиот радикализам и тероризам. Во Израел нема место за телевизија што поттикнува тероризам. Израел во тоа ги следи Саудиска Арабија, Египет, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин, кои ги затворија тамошните канцеларии на ‘Al Jazeerа’. Тие земји тврдат дека тоа е телевизија која е алатка на ДЕАШ, Хезболах и на Иран, и ние се согласуваме со ова тврдење. Ние сме демократска земја, но се бориме против оние кои се закана за нашата безбедност“, рече министерот Кара.
Од друга страна, директорот на канцеларијата на „Al Jazeera“ во Ерусалим, Велид ал-Омери, за АА рече дека израелските власти досега не му доставиле никакво официјално известување.
Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, преку социјалните мрежи му честиташе на својот министер Кара за најавеното затворање на „Al Jazeerа“.
На почетокот од јуни, Саудиска Арабија, Бахреин, Египет и Обединетите Арапски Емирати ги блокираа односите со Катар и го обвинија за поддршка на радикализмот и тероризмот. Просаудискиот блок потоа поднесе листа од 13 услови кои Катар требаше да ги исполни за деблокада на односите, а меѓу барањата беше и затворањето на медиумската мрежа „Al Jazeerа“, со седиште во Доха, како и прекин на катарските односи со Иран.
Од друга страна, катарските власти ги негираа обвинувањата импутирани од страна на просаудискиот блок, а барањата за деблокада ги оцени како неприфатливо кршење на меѓународното право и слободи, особено слободата на медиумите.