Советот на јавни обвинители денеска треба да одржи седница на која треба да се назначи вршител на должноста јавен обвинител на Република Македонија, на местото на Марко Зврлевски. Седницата требаше да се одржи на 24 август, но поради немање кворум беше презакажана за денеска.
Претседателот на Советот Петар Аневски, тогаш изјави дека за в.д. шеф на Јавното обвинителство на РМ ќе биде избран обвинител од редот на постојните јавни обвинители во Обвинителството кој времено ќе ја извршува фукцијата до избор на нов јавен обвинител.
– Во Републичко обвинителство имаме доволен број на квалитетни кандидати, кои ќе можат да ја вршат таа функција, истакна Аневски.
Владата на Република Македонија на седницата одржана на 22 август му предложи на Собранието да ја почне постапката за избор на нов државен јавен обвинител.
Согласно член 41 од Законот за јавно обвинителство, Собранието на Република Македонија по предлог на Владата, го огласува именувањето на јавниот обвинител на РМ во „Службен весник на Република Македонија” и во најмалку два дневни весника од кои еден од весниците што се издава на јазикот што го зборуваат најмалку 20 процента од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.
За Предлогот за огласување именување Јавен обвинител на Република Македонија, пратениците ќе распрваат на пленарната седница закажана за 4 септември.
Мандатот на државниот јавен обвинител е шест години со право на повторно именување.
На предлог на Владата, Собранието на РМ на 17 август го разреши Марко Зврлевски од функцијата јавен обвинител на Република Македонија. Во причините за разрешувањето Владата наведе дека Зврлевски ја вршел функцијата незаконито, ненавремено и недоволно стручно. Со своето однесување и дејствување, според Владата, покажал дека не е способен за извршување на функцијата и го нарушил нејзиниот углед.