Руски бизнисмени се подготвени да ги откупат и пренесат во Русија меморијалите на советските војници кои се наоѓаат на територијата на Полска, или да ја преземат одговорноста за нивната материјална поддршка, пишува Russia beyond
Со ваква иницијатива Асоцијацијата на претприемачите за развивање на бизнис-патриотизам „Аванти“ се обрати до руското Министерство за надворешни работи, откако во јуни Полска усвои измени и дополнувањата на законот „За забрана на пропагирање комунизам или други тоталитарни системи“. Со него речиси 500 споменици посветени на Втората светска војна им се заканува уништување.
„Јас сум убеден дека нашите бизнисмени не се индиферентни спрема историјата на земјата. Сега гледаме дека Европа се обидува да ја препише историјата: споменици од војната активно се отстрануваат и уништуваат. Нашата цел е да го привлечеме вниманието на претприемачите кон овој проблем и да предложиме механизам за негово решавање“, изјави за RT претседателот на асоцијацијата Рахман Јансуков.
Заменик-претседателот на Комитетот за прашања на ЗНД, евроазиска интеграција и односи со сонародници на Државната Дума Виктор Водолацки во интервју за RT претпоставува дека во име на материјална корист Полска е подготвена да ги жртвува своите „русофопски“ чувства и да ја прифати понудата на руските бизнисмени.
„Полските власти може да се договорат, за пари тие се подготвени за сè. И тогаш целиот свет ќе разбере дека тие не се обидуваат да се ослободат од комунистичкото минато, туку едноставно бизнисот им е во крвта“ изјави тој.
Борбата против советското наследство се води активно не само во Полска. Бројни случаи на сквернавење и уништување на споменици има во Естонија, Латвија, Украина, Грузија и некои други поранешни републики на СССР, соопштува RT.