Северна Кореја категорично ги отфрла новите санкции наметнати со цел да ги заузда амбициите во однос на нуклеарното оружје, соопшти денес Министерството за надворешни работи на Пјонгјанг, пренесува Anadolu Agency (AA).
Одговорот дојде еден ден откако Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) ја усвои резолуцијата со што ја приклешти Северна Кореја како никогаш досега – ограничувајќи го увозот на нафта и забранувајќи го извозот на текстил.
Новите санкции се воведени како резултат на шестото по ред нуклеарно тестирање коешто го изведе Северна Кореја на 3 септември.
Меѓутоа, во услови на повторни предупредувања до САД, севернокорејското Министерство за надворешни работи истакна дека санкциите само ќе ја зајакнат нивнaта решеност да го следат овој пат со побрзо темпо.
Соопштението пренесено од државната Корејска централна новинска агенција (KCNA) ги осуди казнените мерки на Советот за безбедност како обид за „целосно задушување“ на Северна Кореја и нејзиниот народ.