По расправијата и дискусијата што ја имаше со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ откако не даде едночасовна пауза по барање на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски со образложение дека ја побарал по истекот времето предвидено за процедурална забелешка, претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери сепак даде пауза, но, како што рече, поради тоа што се создале услови за договор.
-” Не може да се наметне одлука под притисок и закана, а кога 50 пратеници излегувате овде и ја правите истата грешка, тогаш тоа значи дека е насилно. Под уцена ни сега, ни утре, ни никогаш нема да прифатам донесување одлука. На ваков начин кога може да се слушаме јас ќе прифатам, поради тоа што јавно се договараме во моментов”, рече Џафери.
Голем број пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и од Коалицијата за подобра Македонија се собраа пред претседателот на Собранието, Талат Џафери, инсистирајќи да даде пауза. По неколку минути расправање, другите пратеници се повлекоа, а остана Илија Димовски да се расправа со Џафери. Претседателот на Собранието ги обвини пратениците од опозицијата дека сакаат насилно да прават промени.