Објавен e огласот за за именување нов јавен обвинител

Сподели

Собранието на Република Македонија денеска го објави огласот за именување нов државен јавен обвинител, по разрешувањето на Марко Зврлевски од оваа функција. Со ова и официјално почнува да тече рокот од 15 дена за пријавување на заинтересираните кандидати за оваа функција.

„Заинтересираните кандидати кои ги исполнуваат условите предвидени со членот 44, ставови 1 и 2 од Законот за јавно обвинителство (да е државјанин на Република Македонија, активно да го владее македонскиот јазик, да е работоспособен и да има општа здравствена способност, да има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник во Република Македонија или нострифицирана диплома од странство, да има положено правосуден испит во Република Македонија и да има работно искуство од најмалку осум години со потврдени резултати на правни работи по положениот правосуден испит, или редовен или вонреден универзитетски професор кој предавал повеќе од десет години правен предмет од правосудната практика), пријавите со потребните документи треба да ги поднесат до Собранието на Република Македонија, во рок од 15 дена од денот на обајвувањето на одлуката во ’Службен весник’“, пишува во огласот, потпишан од претседателот на Собранието, Талат Џафери.

 

Засега во јавноста своите кандидатури ги најавија адвокатите Александар Тортевски, Звонко Давидовиќ, Александар Наков, Сејфула Османи и нотарката Лорија Ваневска.