Ердоган: ЕУ погрешно ја сфати трпеливоста на Турција

Сподели

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Европската Унија (ЕУ) погрешно ја сфатила трпеливоста што Турција ја покажува од 1959 година, кога поднесе барање за членство, и порача дека Турција нема да биде првата страна што ќе отстапи од тој пат, јавува Anadolu Agency (AA).

„Всушност, гледате дека нам веќе не ни е потребно членството во Европската Унија. ЕУ има само еден пат ако сака да чекори напред, а тоа е Турција да ја прими како полноправна членка и да започне економски и културен напредок. Доколку го сакаат тоа, ние сме тука, и ќе ни биде задоволство да придонесеме кон европската иднина. Меѓутоа, за нас нема разлика ако тоа не го стори, ние ќе го продолжиме својот пат на напредокот“, порача Ердоган.

Во обраќањето пред пратениците на Големото народно собрание на Република Турција по повод отворањето на есенското заседание на турскиот Парламент, Ердоган истакна дека Турција најголемото разочарување во процесот на борбата против тероризмот го доживеала од членките на Европската Унија.

„Европа денес стана место во кое терористите слободно шетаат и можат да подготвуваат какви било операции против Турција и нејзината легитимна власт“, изјави Ердоган и додаде дека многу смета пасивниот и недопустлив став на некои членки на Унијата кон терористичките организации ПКК и ФЕТО.

Осврнувајќи се на активната борба против тероризмот во Турција, Ердоган изјави дека турските сили со успешните операции ги оставиле терористите без простор за дејствување на турските граници, а дека мерките на вонредната состојба не го загрозиле животот на граѓаните и работата на институциите.

„Паралелно со тоа, ние не можеме да ги затвораме очите пред ископувањето на изворите на заверите од другата страна на нашите граници, бидејќи се работи за постојана закана, како кон ирачкиот народ, така и кон Турција и остатокот од регионот.

Да се штити правото на Курдите во Ербил никако не смее да подразбира ускратување на правата на Арапите во Мосул или Туркмените во Киркук“, изјави Ердоган.

Турскиот претседател повтори дека нелигитимниот референдум бил голема грешка на Регионалната курдска управа во северен Ирак. Тој додаде дека тоа е потег кој во подлабока криза го турнал Ирак, кој е средиште на безбедносна и политичка криза уште од Заливската војна.

„Наша најголема желба е тој проблем да се реши итно и разумно пред случајот да дојде до уште понезгодни нивоа. Кога Регионалната управа во северен Ирак ќе покаже волја да ја повлече грешката која ја стори, Турција и нејзиниот народ и понатаму ќе бидат со нашите браќа“, порача Ердоган.