ДА БЕШЕ СÉ НОРМАЛНО – Гордана ПОПСИМОНОВА

Сподели

Да беше сé нормално, немаше да го пишувам овој текст. Ќе ја накривев капата и ќе го уживав октомвриското сонце. Или, ќе си го правев постерот за следната конференција. Или, ќе си читав книга. Во секој случај, немаше да ме преокупира исходот од претстојните локални избори. Можеби и не ќе се појавев на гласање. Камо да беше сé нормално.
Да беше се’ нормално, ќе го знаев и ќе го познавав кандидатот за градоначалник на мојата општина, уште пред една година. Минимум. И оној за Скопје. Ќе им ги предочев моите очекувања, моите забелешки, макар биле тоа ситни и можеби себични детали – дека ми ја кренале колата од прописно место за паркирање, дека канделабрите во мојата улица не функционираат десеттина години, дека моторџиите еден ден ќе ги убијам или дека контејнерите се предалеку од мојата куќа. Ќе имавме доволно време да поразговараме.
Да беше се’ нормално, ќе имавме фиљан влада уште пред две години. Немаше да се случат априлските насилства, ќе се занимававме со стратешки прашања. На централно и на локално ниво. Претседателот на СДСМ немаше да го арчи своето премиерско време за учество во кампања, на само 100 дена од формирањето на владата.
Реално говорејќи, уште сме далеку од нормалноста. Уште сме полурасонети во некакво пост-груевистичко бунило. Уште го немаме луксузот да гласаме за оној кој ќе ни ги реши комуналните проблеми и со кого, градот или општината, ќе направиме наши.
Да беше се’ нормално, немаше да се плашиме дека Злото може да се врати – на голема врата.
Е, арно ама, не е сé нормално, илити ништо не е нормално. Кога една банда осомничена за криминал легално учествува на локални избори и кога истите тие осомничени разбојници за грабеж на сопствената држава и предавство на сопствениот народ продаваат приказни за „нова ера“ и „нова светлина“, тогаш се соочувате со две вродени вредносни детерминанти. Првата е сопствениот разум кој ве алармира дека нешто не е во ред со вас и со вашата способност за здраво расудување. „Шмелцувањето“ на жичките во мозокот редовно се јавува кога критериумите добро-лошо, црно-бело или плус-минус се пореметуваат, мешаат и испреплетуваат. Втората е сопственото рацио, кое како сирена за возушен напад ве предупредува дека треба што побргу да се извлечете од живиот песок во кој сте западнале – не по своја вина.
Секој нормален човек природно инклинира кон нормалност, а посебно кога таа е загрозена од ненормалност. Затоа, почитувани и сакани мои нормални, рационални и здраворазумски пријатели, кои имате човечност, чест, доблест и пристојност, немојте да имате дилеми.
Ова не се локални избори. Ова е библиска пресметка меѓу Свети Ѓорѓи и ламјата. Ова е решавачкиот дуел кај ОК корал. Ова е војна меѓу светлината на слободата и темнината на бесчестието. Ова е последната битка за нашата нормалност и како држава и како народ. На 15ти октомври треба да биде одбранета Македонија и нејзиното сонце на слободата.
Масовно, бескомпромисно и смирено. Како никогаш досега. Знам дека можеме. Сигурна сум како никогаш во животот. Нека не следи Фортуна!!!