Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ информира дека покренува иницијатива за итно и неодложно ослободување и амнестирање на сите лица кои извршиле „одредени законски прекршувања во инцидентите пред и во парламентот на 27 април 2017 година.”
„ВМРО-ДПМНЕ иако беше со блиски, а во некои делови и идентични ставови со ставовите на граѓаните кои мирно протестираа цели 80 дена, беше првата партија која јавно ги осуди законските прекршувања од дел од граѓаните кои протестираа и со тоа се наруши мирниот карактер на овие граѓански протести.
Сепак, гледајќи од денешна гледна точка, кога пред очите на целата јавност со политичка одлука и интервенција се ослободуваат огромен број сторители на тешки кривични дела, меѓу кои и свирепи убиства на етничка база, што говори дека е ова масовен тренд, добро испланиран, а не случајност, ВМРО-ДПМНЕ смета дека е неправедно какво било натамошно гонење на лицата учесници во немирите на 27 април“, пишува во соопштението.
„Ние сочувствуваме и жестоко ги осудивме повредувањата на пратениците на 27 април, но не сметаме дека нивните рани повеќе болат од раните на оние лица чии сторители наскоро ќе бидат ослободени со Законот за амнестија веднаш по изборите. Уште помалку цениме дека делата за кои се товарат овие лица се поважни од животите на убиените млади лица кај Смилковското Езеро, и редица други повреди сторени од лица кои веќе се наоѓаат на слобода или наскоро ќе се најдат на слобода со политички договор помеѓу коалициските партнери на власта или со политичка одлука или интервенција на СДС“, се додава во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека пратеничката група на коалицијата ќе поднесе амандман на Законот за амнестија или ќе предложи посебен закон за прекин на постапката и ослободување на лицата учесници во немилите настани од 27 април 2017.
„Сметаме дека овој чин ќе придонесе кон помирување во Македонија и релаксирање на политичките тензии“, пишува во соопштението.