Владата има усогласен став дека нема мислење по Предлог-законот за заштита од пушење доставен од Собранието, изјави портпаролот на Владата на Република Македонија Миле Бошњаковски, во врска со темите на вчерашната 32 седница.
– Предлог-законот за заштита од пушење е вратен во Собранието на понатамошна процедура, рече Бошњаковски.
Во однос на барањето на Народниот правобранител инстуциите да ги почитуваат неговите препораки, Бошњаковски рече дека вчерашната одлука на Владата е во насока на интензивирање на Планот 3-6-9.
– Едноставно ги охрабруваме институциите на системот соодветно и навремено да одговараат на секоја препорака и постапка од Народниот правобранител, изјави Бошњаковски.
Коментирајќи ги објавените документи за месечниот надомест на семејството на Јохан Трачуловски, што бил одобрен од претходната влада, Бошњаковски рече дека во овој момент се бараат сите податоци во однос на сите договори.
– Тоа што го знаеме е дека тој договор што излезе во јавноста е автентичен, меѓутоа дека има и други. Чекаме да ги најдеме сите бидејќи се со постар датум. Во истиот момент кога ќе ги имаме тие ќе бидат предмет на соодветна анализа, да видиме што се случувало, како се случувало и по изнаоѓање на сите и изработка на анализа ќе бидете целосно информирани, посочи Бошњаковски.
Прашан како тече и дали ќе продолжи субвенционирањето на евтини летови, Бошњаковски посочи дека се работи за редовен преглед на договорот склучен меѓу Владата во минатото и превозникот.
– Се работи за тековен преглед. Чисто информативно како одат работите. Утвредено е дека состојбата оди според предвиденото и договорите. Во моментот во Владата се уште не е доставено ново решение за предлог дали за продолжување на договорот или правење на нов, така што за тоа Ве упатувам до ресорното Министерство, изјави Бошњаковски.
Посочи дека предлог извештајот за работењето на М-НАВ е одложен за наредната владина седница, бидејќи се потребни дополнителни информации.
Прашан дали законот за малцинства на Албанија ќе влијае на процесот на зајакнување на добрососедскиет односи, Бошњаковски рече дека Македонија развива пријателски односи со сите соседи и не се меша во внатрешните работи на своите соседи.
– Сведоци сме на тоа во изминатите три месеци. На интензитетот на сите оние и билатерални средби и средби на одредени самити и конгреси кои што се случуваат во регионот. Тоа што сакаме да кажеме е дека сите отворени прашања ќе бидат решавани со сите наши соседи директно и во разговори, рече Бошњаковски.
Во однос на изјавите за коалицирањата на локалните избори, Бошњаковски рече дека ова прашање е наменето за политичките субјекти кои се дел од владината коалиција и ова прашање во овој момент не е тема на Влада.