Дали сенатот ќе се изјасни за суспендирање на автономијата на Каталонија?

Сподели

Шпанскиот Сенат денеска треба да се изјасни за барањето на Владата на премиерот Маријано Рахој за активирање на членот 155 од Уставот на Шпанија, со што практично ќе биде суспендирана автономијата на Каталонија.

Сенатот треба да и одобри на Владата преземање директна управа над Каталонија, со цел да се спречи прогласување на нејзина независност.

Со одлуката на Мадрид ќе му се овозможи распуштање на каталонската регионална Влада, ограничување на надлежностите на Парламентот во Барселона и распишување на предвремени избори, до чие одржување со Каталонија би раководел посебен орган именуван од страна на шпанскиот Кабинет.

Комисија на шпанскиот Сенат синоќа го одобри предлогот на Владата, откако претходно го прифати амандманот од опозициската Социјалистичка работничка партија на Шпанија (ПСОЕ), со кој се предвидува постепено и пропорционално воведување на мерките, зависно од развојот на ситуацијата во Каталонија.
Конзервативната Народна партија (ПП) на Рахој има апсолутно мнозинство во Сенатот, па усвојувањето на одлуката се очекува да биде само формалност.

Исто времено, во Барселона треба да продолжи седницата на каталонскиот Парламент, пред кој вечера претседателот на регионалната Влада, Карлес Пуџдемон нагласи дека одлучил да не побара свикување предвремени парламентарни избори, бидејќи не добил гаранции дека во таков случај Мадрид ќе се откаже од суспензија на автономијата на Каталонија.