Саипов славел за успешниот напад во Њујорк

Сподели

Сајфула Саипов, узбекистанскиот исламист кој вчера уби осум и рани 11 случајни минувачи на улица во бизнис центарот во Њујорк, беше сослушан од страна на суд.

Саипов (29) бил однесен во судницата врзан со лисици за количка, и воопшто не направил обид да биде пуштен на слобода до почетокот на судењето.

Американски медиуми јавуваат дека тој славел за успешниот напад во болничката соба каде е сместен откако беше ранет во стомакот пред да биде уапсен, и барал да му дадат знаме на Исламската Држава. Обвинителството соопшти дека нападот бил мотивиран затоа што Саипов бил „исполнет со омраза и воден од искривена идеологија“.

Утврдено е дека нападот бил подготвуван околу една година, при што повеќе пати имал пробни возења со изнајмени камиони низ Њујорк, при кои разгледувал разни локации за напад.

Саипов им рекол на обвинителите дека планирал да нападне на денот кога во САД се празнува Ноќта на вештерките, сметајќи дека тогаш ќе има најмногу луѓе на улиците. Неговата цел била, откако ќе убие колку што може повеќе луѓе во близината на Светскиот трговски центар, кој беше нападнат на 11 септември 2001 година, да продолжи до Бруклинскиот мост, каде ќе продолжел да гази минувачи.

Полицијата се уште трага 32-годишниот Узбекистанец Мухамадзоир Кадиров, кој се смета дека исто така планира исламистички напади.

Како одговор на нападот, претседателот Доналд Трамп најави дека ќе ја укине визната лотарија, преку која Саипов дошол во САД, а ја отвори и можноста тој да биде испратен во затворот за исламисти во воената база Гвантанамо, на Куба.

МИА