Де Блазио реизбран за градоначалник на Њујорк

Сподели

Њујоршкиот градоначалник демократот Бил де Блазио освои втор мандат со 66% од гласовите на вчерашните избори, покажаа неофицијалните резултати што ги објави избирачката комисија на градот.

При преброени 93% од гласовите, неговата главна соперничка, Републиканката Никол Малиотакис, освои само 28%.
Де Блазио синоќа се обрати пред неговите приврзаници кои ја славеа победата во музејот Бруклин, при што вети дека ќе го направи Њујорк најправедниот град во Америка, дека ќе ги зголеми инвестициите во детските јасли и становите за сиромашните, сите полицајци ќе ги опреми со камери и ќе се бори да добие повеќе пари за подобрување на метрото.

– “Видовте некои важни промени во последните четири години, но уште ништо не сте виделе”, напиша њујоршкиот градоначалник на Твитер, прославувајќи ја победата.

Според него, една од неколкуте изборни победи за Демократската партија на локалните избори во земјата испратила порака до Белата куќа.

-” Не можеш да посегнуваш по вредностите на Њујорк и да победуваш господине претседател. Ако се свртиш против вредностите на својот роден град, твојот роден град ќе возврати на ударот”, изјави Де Блазио обраќајќи му се на Трамп, кој е роден во Њујорк.