На денешниот брифинг со новинарите, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека премиерот Зоран Заев и кога беше само лидер на Социјалдемократскиот сојуз и сега како претседател на Владата е под постојани закани од атентат.
– “Заев е под постојани закани за атентат од 2015 – та година. Службите преземаат сериозни мерки за обезбедување на премиерот, но и за сите останати функционери”, рече Спасовски кој истакна дека Заев за разлика од неговите претходници има многу помало обезбедување.
Министерот појасни дека во тој контекст била дадена и изјавата во интервјуто за црногорското радио „Антена М“ на Заев во Црна Гора, дека неговиот живот може да биде загрозен, поради приближувањето на Македонија кон НАТО.
Спасовски денеска одржа брифинг со новинарите на кој одговараше на прашања поврзани со екс началниците на УБК Грујевски и Бошковски кои чекаат екстрадиции во Солун, за убиството на Мартин Јанушев, за 27 април, а меѓу другото и за ова прашање.