“Така и во нашите животи. Постојано. Прецизно. Дистанците одредуваат дали животот ќе не боли.” Емигрантка – Ирена Павлова Де Одорико
Деновиве, од печат, излезе најновата прозна книга на нашата реномирана писателка Ирена Павлова Де Одорико. Издавачот на ова по многу нешта оригинално остварување, е ’’Феникс од Скопје.
Промоцијата на Емигрантка е на 8. декември, на Мала сцена при Кoнресниот центар ,,Александар Македонски”- Скопје, во копродукција со независниот Театар 007.
Станува збор за психобиорафски пофил на е(мигрантството), од фаза на ембрион, па сѐ до конкретно подвижување на единката, од другата страна на границата.
Куриозитет во рамките на оваа книга е што таа изгледа како пасош, како нејзината насловна страница , така и однатре, со илустрации од самата авторка.
За нејзиниот роман, говорат Милован Стефановски, Звездан Георгиевски и Ѓорги Митровски.
“Тешко можеме да ја дефинираме „Емигрантка“. Ова четиво плива некаде меѓу повеста, романот, мемоарската литература, па и есеистиката. Токму затоа новото дело на Ирена Павлова де Одорико е толку возбудливо. Во него авторката бескомпромисно ги разоткрива сопствената интима, своите дилеми и стравови, прекршувања…, конечно и егзистенцијалистичката смисла на опстојувањето во времето и просторот.
Она што е важно е тоа дека нејзините дилеми и недоумици, колку и да се приватни и лични, всушност се дилемите и недоумиците на севкупната цивилизација во овие последни децении. Пред се’ тука станува збор за судирот на културните матрици и нивното неразбирање, како и за (не)можноста на нивно коегзистирање во одредена средина. На крајот на краиштата, и баучот на бегалците што кружи низ Европа, а богами и над Македонија, не е ништо друго туку тој судир на различните култури. Ова отвора многу посложени прашања околу таканаречениот хомо сапиенс, во смисла не неговата универзална природа (сите сме жители на планетата Земја) и неговата културолошка предодреденост.
Романот е пишуван од аспект на една емигрантка, која иако не е предалеку од домот и иако се наоѓа во ист поширок културен контекст (европскиот) и иако е подготвена да ги прифати универзалните вредности, сепак се судира со сопственото апартидство. Да, навистина, колку е човекот предодреден од културата во која растел, ги поминал своите формативни години и ја примил како своја? Но, романот отвора уште една, би рекле поважна тема: колку сме ние подготвени да го прифатиме Другото и Другиот?
Во таа смисла „Емигрантка“ е болно разголена вистина, која, и покрај мачнината што од време на време ќе ви ја предизвика во стомакот, се чита во еден здив. Тоа е книга што не само што не ве остава рамнодушни, туку ве тера на длабоко обмислување на светот што ве опкружува и на вашето место во него.” – Ѕвездан Георгиевски
Ирена Павлова Де Одорико е родена во Велес. Поетеса, прозаистка, книжевна критичарка, преведувачка и есеистка.
Авторка е на книгите’’Велзевул’’, “Номад”, “Новата Ева”, “Деколте длабоко”, “Потстанарка”, “Од другата страна на животот”, “Новиот човек”, “Антологија на заборавените македонски поетеси”, “Пенелопа.нет”, ’’Пенелопа во Венеција’’, објавена во 2016 година.
Во 2001-та година влегува меѓу десетте европски финалисти за наградата ’’Рома-Тиволи-Европа, и истата година учествува на Светскиот поетски фестивал ’’Венециското биенале’’, од каде е селектирана и во светската поетска антологија под наслов ’’Специјална едиција на Венециското биенале’’.
Нејзините песни се застапени во многу наши и светски антологии. Преведувана е на повеќе странски јазици. Добитник е на неколку наши и странски награди за литература.