ТУРИСТИЧКИОТ БРЕНД КАКО ИДЕНТИТЕТ – Љупчо ЈАНЕВСКИ

Сподели

Брендирањето на туристичките дестинации преставува еден од клучните елементи за постигнување на конкурентска предност во изборот на дестинација од туристите на сѐ поконкурентниот светски туристички пазар.  Холистичкиот пристап во брендирањето на туристичката дестинација е голем предизвик за сите учесници во овој процес. Брендирањето преставува инструмент со што се зголемува потенцијалот, вредноста на економијата и  позитивниот имиџ на државата во целост. Според некои светски автори брендирањето на дестинацијата може да се дефинира како начин врз кој се гради уникатен идентитет, разликувајќи се од другите дестинации и мотивирајќи ги туристите да ја одберат токму неа за да ја посетат.

Во брендирањето на туристичката дестинација се интегрираат опипливите атрибути како историски места, атракции, природни убавини, гастрономски специјалитети и неопипливите, како, на пример, културата, традицијата и историјата кои ги има дестинацијата. Токму избирањето на вистинските опипливи и неопипливи атрибути треба трајно да бидат врежани во брендот на дестинацијата. Во духот на ова можеме да го опишеме брендирањето како збир на физички и услужни елементи заедно со симболичка асоцијација од која се очекува да се задоволат очекувањата на туристите кои ќе ја посетат. Токму позитивниот имиџ кој што го гради брендот во јавноста влијае да се изгради доверба кај туристите при купувањето на понудата. Токму доброто брендирање на туристичката дестинација ја создава конкурентската предност во услужната индустрија, а со самото тоа и во туризмот.

Според светската туристичка организација (UNWTO), локалната туристичка дестинација преставува одреден простор во која посетителите поминале односно оствариле едно ноќевање, вклучувајќи ги сите елементи на туристичката понуда, туристички производи и друго. Доколку ги споредиме податоците објавени од Светската туристичка организација за периодот јануари-август 2016 година со истиот период  оваа година, бројот на интернационални  туристички патувања изнесува 901 милиони, што е за 56 милиони повеќе од лани.

Ова преточено во проценти изнесува зголемување за 7%,  а по региони Африка со 9%, Европа 8% следејќи ги Азија и Пацификот со 6%, Блискиот Исток со 5% и Америка со 3%. Доколку го погледнеме европскиот регион кој генерира околу 52% од вкупниот број на интернационални патувања за 2016 година, во периодот јануари –август 2016/2017 година  во јужниот и медитеранскиот дел на Европа има зголемување за 12%, во Западна Европа 7%, во Северна Европа 6% , а во Источна и Централна Европа за 4%.

Македонија во последниот десетгодишен период во континуитет бележи пораст на странски туристи повеќе од 150% и се остварени ноќевања за над 140%, што го покажува сериозниот пристап и фокусирањето во туристичкиот сектор. Подобрената и фокусирана промоција на Македонија како туристичка дестинација и одредените законски потези за субвенционирање и даночни олеснувања дадоа позитивни резултати. Сепак доколку ги продлабочиме истражувањата ќе видиме дека два региона во Македонија – југозападниот и скопскиот, генерираат 70% од вкупниот број туристи и број на ноќевања што сериозно влијае врз рамномерниот туристички развој. Недостатокот на нови туристички производи и содржини кои ќе ги следат светските текови и покрај растот се ефектуира со намалување на просечниот престој и забавувањето на девизниот прилив од туризмот на годишно ниво.

Токму овие неколку индикатори јасно укажуваат на животниот век на дестинацијата која речиси и да го достигнала нивото кога треба брзо да се преземат мерки пред тие да започнат да опаѓаат. Македонија нема изградено брендирани микро дестинации и покрај потенцијалите кои ги посадува за развој на повеќе туристички содржини – од активниот туризам, екотуризмот , гастрономијата, винскиот туризам, Охридското езеро и градот Охрид кој е под заштита на УНЕСКО, националните паркови  и друго.

Внатрешното брендирање на микро туристичките дестинации  во Македонија ќе овозможи создавање на нивен карактеристичен идентитет и ќе ја подигне конкурентноста во разновидноста на туристичките производи.  Брендирањето треба да биде спроведено од сите чинители во туристичкиот сектор и стихолдерите на дестинацијата кои заедно ќе продолжат како дестинациско тело да ја развиваат и да управуваат со дестинацијата. Така кластерираните туристички брендови одоздола па нагоре, ќе извршат влијание во градењето на туристичкиот бренд на Македонија или негово ребрендирање.

Процесот на брендирање на  микро туристичките  дестинација е долготраен процес кој овозможува одржливост на туристичкиот сектор. Тој треба да ги покаже убавите работи кои се поседуваат, атракциите , како и перцепцијата за тоа како туристите ги доживуваат  дестинациите кои се вградени во програмата и кои ќе го создаваат идентитетот на Македонија како туристичка дестинација. Ваквиот приод ќе овозможи Македонија и нејзиниот туристички бренд  да стане доволно конкурентна земја на регионалниот и свестскиот туристички пазар, одржувајќи го растот и квалитетот на туристите кои што ја посетуваат.

 

Љупчо Јаневски, докторант на Факултетот за туризам во Охрид