Форумот на слободоумни патриоти уште еднаш најостро го осудува лицемерието и лажниот патриотизам на претседателот на ВМРО ДПМНЕ со кој, како што велат, настапил во последното негово интервју.
„Како прво и основно, Никола Груевски нема никаков легитимитет да зборува за местени политички процеси и за тоа дека невини луѓе ќе гнијат по затвори. Сакаме да го потсетиме Груевски дека во периодот 2009-2016 година имаше најмногу монтирани политички процеси во кои штети трпеа сите кои на некој начин му се спротиставуваа на неговите луди идеи, а најмногу чесните и искрени вмровци“, велат од Форумот на слободоумни патриоти.
„Сакаме да го потсетиме Груевски дека кога тој беше премиер беа амнестирани т.н. Хашки случаи, злосторства против Македонци од 2001 година, беше донесен Законот за јазици, не се направи попис на население и домаќинства. Понатаму, сакаме да го потсетиме Груевски на телефонскиот разговор со неговиот потрчко Антонио Милошоски кој ѝ е познат на јавноста, а во кој Груевски и Милошoски зборуваат за промена на името на нашата татковина со таква леснотија, небаре пиперки на пазар купуваат или продаваат“, се вели во соопштението.
Како што велат од Форумот, Никола Груевски и неговите пријатели од ДУИ го поделиле народот на етничка, верска и политичка основа како никој претходно.
„Бадијала сега плачејќи по неговите портали зборува за кохезивни фактори, кога неговите не дела изминатите 10 години се главните фактори на поделбите и егзодусот на македонскиот народ во европските и прекуокенските земји. Списокот на недела на Никола Груевски е многу голем, неговото деструктивно политичко делување е уште поголемо. Груевски време е да се спасиш себеси, а и сите нас од твоето лицемерие. Груевски време е за оставка и одговорност, не само политичка. Ослободи го ВМРО ДПМНЕ од преголемиот товар кој го носиш и со кој и правиш штета на партијата и државата“, велат од Форумот на слободоумни патриоти чиј претседател е Владимир Змејковски.