Светиот синод на БПЦ денеска треба да го разгледува писмото кое на 9. ноември му го упати Синодот на МПЦ-ОА, а во кое се бара признавање на афтокефалноста на македонската црква и евхаристиско единство со бугарската црква.
Според најавите на бугарските владици, не се очекува брз одговор на БПЦ, туку ќе биде формирана комисија која ќе треба да ги информира останатите православни цркви и да го слушне нивното мислење за барањето на МПЦ-ОА.
Бугарскиот патријарх Неофит минатата недела најави дека има добра волја во Бугарската црква за позитивно решение.
Писмото на МПЦ-ОА се очекува да биде тема и на средбите што ќе ги има бугарскиот патријарх Неофит за време на претстојната средба на Москва на почетокот на декември.
Според него воспоставувањето на евхаристиската заедница помеѓу БПЦ и МПЦ-ОА е природна последица дури и на “Договорот за пријателство и соработка помеѓу Бугарија и Македонија” и е во согласност со евроатлантските интеграциски процеси кон кои се стреми Македонија со помош на Бугарија.