На меѓународната конференција ,,Механизми и структури за имплементација и за следење на имплементацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост-искуства од регионот’,’ министерката за труд и социјална политика Мила Царовска говореше за обврските кои Република Македонија ги има согласно со член 33 од Конвенцијата за заштита на правата на лицата со попреченост.
Потребно да се обезбедат механизми за координација и за следење во различните Министерства, заради регулирање на проблематиката поврзана со спроведување на Конвенцијата. Механизмот за координација на спроведувањето на Конвенцијата е потребен за да се избегне разводнувањето на одговорноста или некоординирано спроведување на Конвенцијата бидејќи опфаќа многу области од животот на лицата со попреченост. Механизмот за следење треба да биде независен субјект задолжен за анализирање, унапредување и следење на спроведувањето на Конвенцијата. Не помалку важно е и учеството за лицата со попреченост во телото за мониторинг.
Во насока, пак на подобрување на целокупната состојба Царовска посочи дека во измените на Законот за социјална заштита веќе се регулирани одредените работи, а во собраниска процедура веќе е и Законот за пензиското и инвалидското осигурување каде со измените ќе се овозможи семејна пензија за лица со попреченост кои некогаш имале активен работен однос, затоа што досега немаа право на семејната пензија.
,,Знаеме дека здравствената состојба не се подобрува, се влошува и затоа тие треба да имаат право да ја наследат семејната пензија. Навистина е важно дека како ресорно Министерство во делот на социјална заштита, пензии и сл. ќе правиме максимум што можеме, но тука сме да дискутираме и дека во секое линиско Министерство ни е потребен човек одговорен што ќе ги имплементира и здравствените, инфраструктурните, образовните политики за да го добиеме пакетот на услуги и сервиси кои се потребни за оваа група граѓани”, подвлече министерката за труд и социјална пполитика Мила Царовска.
За лицата со попреченост од особено значење е т.н. персонална асистенција и токму затоа, нагласи дека во активните мерки за вработување во 2018 година се предвидува посебна програма за персонална асистенција: ,,Оваа година преку јавните работи општините веќе ангажираа персонални асистенти, што значи дека сме во фаза на институционализација на персоналната асистенција, но и имплементираме активности кои ги опфаќаме со различни мерки”, додаде Царовска.
Меѓународната конференција ,,Механизми и структури за имплементација и за следење на имплементацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост-искуства од регионот” е во организација на Националното координативно тело за еднакви права на лица со инвалидност во Република Македонија.