Талат Џафери денеска го отвори прашањето за правната празнина што се јавува меѓу примањето на писмо со барање за симнување на имунитет на именувани и избрани лица од Судот и моментот на одлучување дали ќе му биде симнат имунитетот.
Џафери смета дека тоа мора да се регулира за да се спречат злоупотреби.
-” Станува збор за ситуација од моментот кога ќе се даде налог за придружба, за обезбедување на лице носител на имунитет, да не се врзува само за пратениците затоа што има и други лица со имунитет… од моментот кога ќе се даде налог, до моментот за одлучување што е пропишана во соодветна процедура во Деловникот за работа на Собранието, во таа празнина што правиме со човекот. Мора да се регулира оваа празнина затоа што тоа е простор за злоупотреба односно за поинакво интерпретирање”, вели Џафери во изјава за МИА.
Тој додаде дека не претендира да се меша во надлежноста на институцијата односно на релацијата власт-судство, но оти би требало да се размисли кој би бил најдобриот начин да се пополни оваа празнина за да не се злоупотребува правото на едните и правото на другите.
Претседателот на Собранието ова прашање го отвори на денешната јавна дебата на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот посветена на „70 години Универзална декларација на правата на човекот“.
Во Македонија, рече Џафери, ги имаме многу добро вградени сите принципи и вредности кои ги содржи Универзалната декларација за човекови права.
– Прашањето е колку тие се почитуваат во практика и дали во овој период на самостојност кога станува збор за човековите права и слободи се движиме во позитивна насока, рече Џафери во обраќањето укажувајќи на улогата на народниот правобранител, НВО, медиумите, образованиот процес, семејството… во заштитата и почитувањето на правата и слободите на граѓанинот.
На дебата во Собранието присуствуваат претставнции од повеќе институции меѓу кои и специјалната обвинителка Катица Јанева, поранешни судии, претставници на НВО секторот и други.