Севселенскиот патријарх Вартоломеј и бугарскиот патријарх Неофит на 7. јануари се очекува да разговараат за одлуката на БПЦ да биде промотор за признавање на автокефалноста на МПЦ пред православните цркви, пишува Дојче веле.
“Не коментираме ничии изјави, а по Божик и Богојавление, ќе ги продолжиме разговорите со Бугарската православна црква”. Вака извори од Светиот архиерејски синод (САС) на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) се воздржаа од коментар на изјавите на епископот бачки Иринеј од Српската православна црква (СПЦ), кој во интервјуа за српски медиуми обвини дека зад односите меѓу БПЦ и МПЦ има политичка позадина.
„Актерите и не кријат многу, дека нивните акции се политички координирани. Се разбира, нив совршено не ги интересира Црквата со своите канони, устројство и поредок. Нивната намера е чисто црковниот проблем да го решат со политичко насилство и со политичка цел. Проблемите нема да се решат со политичките договори на двоецот Борисов – Заев, и со неуката акробатика на поедини архиереи, кои инаку искрено и длабоко ги жалам“, изјави Иринеј.
Според него, епископите на Бугарија сега се наоѓаат помеѓу Сцили и Харибди.
„Сцила е притисокот на политичките власти и јавното мнение, на кои, и тоа како им одговара ирационалната иницијатива од Скопје, а Харибда е ризикот од какво било ‘флертување’ со каква било расколничка организација, а БПЦ до неодамна имаше таква и ‘во сопствениот двор’ (…) Понудената ‘трампа’ – вие нам автокефалија без обѕир на другите православни цркви, а ние вам титула на наша црква мајка, би била крајно необична, да не е просто неверојатна“, вели српскиот епископ.
Тој потенцира и дека БПЦ сепак е свесна дека не смее во служба на еден раскол, себе си повторно да се доведе во раскол, во каков што била 70 години поради етнофилетизам. Притоа тврди и дека ,„спорната одлука на БПЦ сѐ уште не е официјално доставена ни до Вселенската патријаршија, ни до СПЦ, ни до останатите сестрински православни цркви.
Бугарскиот патријарх Неофит ќе се сретне со Севселенскиот патријарх Вартоломеј
Но, извори од БПЦ досега во неколку наврати навестуваа дека нивната одлука веќе ѝ е позната на Вселенската патријаршија. За неа се очекува да биде разговарано и на 7-ми јануари, кога ќе се сретнат Севселенскиот патријарх Вартоломеј и бугарскиот патријарх Неофит. Тие ќе служат заедно на 7-ми јануари, кога по шестгодишна реставрација повторно ќе бидат отворени вратите на бугарската црква „Свети Стефан“ во Истанбул, позната како „Железната црква“. Се очекува на свечениот чин да присуствуваат и бугарскиот премиер Бојко Борисов и претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, како и бројни претставници на бугарската заедница во Истанбул.