СО ВИНО – Вислава Шимборска

Сподели

Ме погледна, ми додаде убавина,
а јас ја примив како своја.
Среќна, проголтав ѕвезда.

Допуштив да бидам измислена
по слика и прилика на одразот
во неговите очи. Играм, играм
павтајќи со ненадејните крила.

Масата е маса, виното е вино
во чашата што е чаша
и стои стоечки на масата.
А јас сум привидна,
привидна до неверојатност,
привидна просто до крв.

Му зборувам што сака: за мравките
што умираат од љубов
под соѕвездие на глуварче.
Се колнам дека белата ружа
полиена со вино пее.

Се смеам, ја наведнувам главата
внимателно како да проверувам
пронајдок. Играм, играм
во зачудената кожа, во прегратката
што ме создава.

Ева од ребро, Венера од пена,
Минерва од главата на Јупитер
беа неспоредливо постварни.

Кога тој ме гледа,
го барам својот одраз
на ѕидот. И гледам само
шајка од која е симната слика.