Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати во собраниските клупи и со амандмани ќе се обиде да го спречи донесувањето на законот за употреба на јазиците, изјави денеска на прес-конференција потпретседателот на партијата, Митко Јанчев.
– Инаетењето на предлагачите на сила да го истуркаат неуставниот закон за двојазичност не е на штета само на ВМРО-ДПМНЕ, туку на Република Македонија. Одлуката на Владата да не го повлече законот и да не отвори конструктивна расправа околу законот може да предизвика долгорочни последици по државата и да ја наруши кохезивноста меѓу граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ е на страна на граѓаните и Република Македонија и затоа ќе стори се во одбрана на државните и национални интереси – вели Јанчев.
– Законот има бројни пропусти и затоа е несфатливо неконструктивното однесување на СДСМ и одбивањето на предлозите да се формираат работни групи составени од претставници на сите парламентарни групи во Собранието на Република Македонија, со вклучување на експертска и стручна јавност од Правните факултети во државата, претставник од кабинетот на Претседателот на Републиката и од МАНУ. Сигурни сме дека ваквата дебата ќе придонесеше за подигнување на довербата и демократската атмосфера кои ќе резултираа со отстранување на неуставните елементи на овој закон за јазици – додава Јанчев.