Чавков: Не сум терорист, притворот ми е незаконски одреден

Сподели

„Одговорно тврдам дека на 26. април не сум извршил ниту едно инкриминирачко  дејство, ниту пак, сум направил кривично дело со кое сум ја загрозил безбедноста на државата и сум го довел во прашање уставното уредување. Презедов лична одговорност, покажав иницијатвност и издадов 7 или 8 наредби во согласност со стратешкиот оперативен план. Тоа се документи кои што можат да се соберат во папка од еден метар“, изјави на денешната Јавна седница, пред тричлениот кривичен совет во скопскиот Апелационен суд, поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, образложувајќи ги причините зошто треба да му биде укинат притворот, пишува порталот правосудство.мк.

Тој кажал дека незаконски му е одреден притвор по сите три основи, а не заради третманот и здравствената ситуација во која се наоѓа. По забелешката на неговиот адвокат Сашко Дуковски дека срцето му работи со 50 отсто капацитет, Чавков потенцираше дека дури и да му работи само еден посто, времето ќе покаже кои биле вистинските мотиви за неговото притворање. Според Чавков, двете решенија за продолжување на притворот биле идентични од збор до збор, апстрактни и со генерализирања. Тој рече дека ниту имал намера да бега, ниту имал намера да влијае на сведоците.