ШИЛЕГОВ: ЗАПОЧНУВА ПРОЦЕСОТ НА СПРАВУВАЊЕ СО ПРОЕКТОТ „СКОПЈЕ 2014“

Сподели

 

Екипи на Градот Скопје за да не предизвикаат застој во одвивањето на сообраќајот на една од најфреквентните крстосници кај Врховниот суд, утрово го отстранија бесправно поставениот споменик на Андон Лазов Јанев – Ќосето. Во отстанувањето беа ангажирани два камиона и еден кран за да не се загрози безбедноста на учесниците во сообраќајот, како и да не се предизвика застој поради времетраењето на отстранувањето. Целиот процес на отстранување на градбата се одвиваше околу 2 часа додека немаше сообраќај на булеварите.

 

На денешната прес-конференција градоначалникот Петре Шилегов го објасни процесот на отстранување на таканаречениот споменик на Ќосето.

 

“Град Скопје денеска го отстрани незаконски поставениот споменик на Андон Лазов Јанев – Ќосето пред судскиот комплекс. Во Скопје нема да се толерира незаконитоста и недозволеното постапување. Започнува справувањето со проектот „Скопје 2014“. Сите досегашни самоволни активности на претходните власти во градот ќе бидат соодветно законски третирани. На ова место, пред Судската палата, ќе биде засадено дрво посветено на човековите права со изгравирана плочка донирана од збратимениот град Нирнберг на која ќе биде испишан текстот од членот 10 од Декларацијата за човекови права на Обединетите нации во кој стои „Секој има потполно еднакво право на праведно и јавно судење пред независен и непристрасен суд, при одредувањето на неговите права и обврски и во услови на какво и да е кривично обвинение против него“. Пораката што ќе ја испрати Градот Скопје до граѓаните е дека во судот правдата е слепа и се дели непристрасно” – изјави на денешната прес-конференција градоначалникот Петре Шилегов.

Отстранувањето на градбата е извршено по донесеното Решение за негово отстранување (во рок од три дена по добивање на Решението добиено на 20.02.2018 година), од овластениот градежен инспекторат во Општина Центар -Скопје. Градежниот инспекторат кој извршил увид на фактичката состојба на самото место и на постапката за спомен-обележјето на Андон Лазов Јанев – Ќосето, утврдил дека инвеститорот, односно Градот Скопје, нема Решение за поставување на овој споменик.

Отстранувањето на бесправно поставениот споменик на  Андон Лазов Јанев – Ќосето е извршено согласно со предложените мерки во елаборатот на Работната група за изработка на анализа за реализацијата и последиците од т.н. „Проект Скопје 2014“, формирана од Министерството за култура на Република Македонија.