Утре во 18 часот пред канцелариите на Европската унија во Скопје, ќе се одржи протест под мотото “За одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата“. Оттаму протестниот марш ќе се движи по булевар “Свети Климент Охридски“ и булевар “Димитрие Чуповски“ до Собранието на Република Македонија, каде ќе има повеќе обраќања, по еден претставник од македонските заедници во Германија, Франција, Италија и Швајцарија, Сотир Костов, проф.д-р Виолета Ачковска, Тодор Петров и Неговото Високопреосвештенство г. Агатангел, кои ќе го предводат маршот од ЕУ до Собранието.
Организатори на Семакедонскиот протест се македонските заедници во светот, Светскиот Македонски Конгрес и Македонската координативна мрежа – Канада во која се вмрежани Светскиот Македонски Конгрес – Канада, Меѓународното движење за човекови права, Обединети Македонци и Андон Лазов Јанев Ќосето – Канада.
„Македонците во таковината и во светот бараат безусловен крај на разговорите за името Македонија со Владата во Атина и продолжување на членството во Обединетите Нации и во сите меѓународни организации под државното име Македонија со можносст за употреба на уставната додавка Република како јасна разлика од истоимената северна провинција на Грција и југо-западна провинција на Бугарија, без латинична транскрипција на македонскиот јазик, повлекување на Законот за употреба на јазиците, поништување на Договорот Заев-Борисов, итно ослободување на притворените и осудените за настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година и итно ослободување на Едмонд Темелко од обвинение и домашен притвор“, велат од организацијата Светски македонски конгрес.
Барањата ќе се достават до Претседателот, Собранието и Владата на Република Македонија. Ти велат дека доколку Владата не ги прифати барањата, македонците во татковината и во светот бараат самораспуштање на Собранието и одржување вонредни парламентарни избори со обезбедување услови за остварување на избирачкото право во седмата изборна единица, без обврска за упис во избирачките списоци на секои парламентарни и претседателски избори.