На членовите на Антикорупциската комисија им се исплаќале патни трошоци затоа што доаѓале на седници, а исплата се вршела врз основа на неверодостојни патни налози. Некои од членовите воопшто не доаѓале на работа туку доаѓале само кога имало комисиски седници, иако тие се вработени лица на кои им се исплаќа бруто плата и секој ден треба да доаѓаат на работното место, пренесе СДК.
Поднесувале три патни налози за ист ден, односно дека член на комисијата истиот ден бил во странство и на седница на комисија. Ова го покажува внатрешната ревизија на регуларноста на плати и други надоместоци на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) за 2016, која ја направила Управата за јавни приходи (УЈП). Ревизијата се однесува на составот на Комисијата со претседателот Игор Тантуровски и членовите Фарие Алиу, Горан Миленков, Жаклина Дамческа, Најдо Спасевски, Сузана Таскова Аџикотарева и Сејди Халили, кои се на оваа функција во ДКСК од април 2015.
Внатрешниот ревизор открил ненаменско трошење на буџетските средства преку сериозни недостатоци во исплатата на плати, дневници за службени патувања, но најголеми злоупотреби се во делот на патните трошоци, односно користење приватни возила за службени цели. Ревизијата покажува дека членовите на Комисијата не се евидентирале кога доаѓаат на работа, туку само кога имале седници бидејќи тогаш се водел записник.
Некои од членовите од Скопје воопшто не доаѓале на работа. Тие што се од внатрешноста доаѓале на седница на комисии, но за тоа им се исплаќале патни трошоци. „Била вршена исплата врз основа на неверодостојни патни налози, при што ненаменски се исплатени буџетски средства за надомест на трошоци за сопствено возило кои не се засноваат на веродостојна сметководствена документација“, стои во извештајот.